Лазаревски: Гордо ја претставивме Македонија на ЕП

Селекторот Марјанчо Лазаревски со осврна на третиот и на четвртиот ден од Европското првенство во традиционално таеквондо во Хераклион на Крит, Грција, на кое настапија повеќе наши натпреварувачи.
„Христијана Парулеска, во категорија борби јуниорки (16–17 години, -58 кг), се натпреваруваше против претставнички од Украина, Грција и Русија, но не успеа да се пласира во борбата за медал.
Климент Богоески, во категорија борби јуниори (16–17 години, -57 кг), настапи против претставници од Белорусија, Шпанија и Бугарија. Како дебитант на Европските првенства, прикажа одлични борби и оствари победа над претставникот на Шпанија, додека против натпреварувачите од Белорусија и Бугарија загуби во тесна бодовна разлика.
Теодора Митреска, во категорија борби сениори (18–34 години, -67 кг), исто така дебитант на Европско првенство, имаше настапи против претставнички од Бугарија, Русија и Украина. Иако прикажа квалитетни борби, не успеа да обезбеди пласман во борбата за медал.
Владимир Димитриевиќ, во категорија борби сениори (18–34 години, -78 кг), настапи против претставници од Бугарија, Русија и Германија. И покрај одличните настапи, не успеа да се пласира во борбата за медал и да го повтори успехот од претходното Европско првенство во Естонија.
Давид Крстески, во категорија борби сениори (18–34 години, -64 кг), настапи против претставници од Бугарија и Велс, каде што оствари две победи. Сепак, во четвртфиналето беше поразен од претставникот на Русија.
Божидар Димитриевиќ, во категорија борби сениори (18–34 години, +92 кг), настапи против претставникот на Естонија, при што се здоби со повреда во втората рунда. По лекарски преглед, не му беше дозволено да ги продолжи настапите против претставниците од Русија и Бугарија.
Од ова Европско првенство се враќаме без освоен медал, но со голема мотивација за понатамошна работа, напредок и подобри резултати на следните натпревари.
Гордо ја претставивме Македонија и покажавме борбен дух, дисциплина и посветеност на највисоко ниво.
Остануваме посветени на развојот на нашиот спорт и достојно претставување на државата на идните меѓународни, Европски и Светски натпреварувања“, вели Лазаревски.



