АктуелноДомашна сценаКарате

Дејан Милошевски, од Македонија до врвот на УСА карате: Како инструктор одржа предавања за новите ката правила

Изминатиот викенд 24-25 април се одржа јубилејниот 20-ти натпревар „Куп на шампиони“, во чии рамки се одржа и семинар за лиценцирање на карате судии за 2026 година во Дагласвил, Џорџија. Настанот претставуваше еден од најголемите и највлијателни регионални собири за едукација на судии во САД. Со силна организација, високи стандарди и одлична посетеност, уште еднаш се потврди лидерската улога на УСА карате во развојот на модерното карате и судење.

„Имав чест да бидам поканет како инструктор и дел од судискиот тим од страна на главниот судија за овој регион, Макс Чомијак, како и од домаќинот на кампот и натпреварот, сенсеи Саманта Хостетлер. Во рамки на семинарот одржав предавања за новите ката правила и асистирав во практичниот дел за кумите семинарот, работејќи директно со новата генерација судии и пренесувајќи современи знаења и високи судиски стандарди“, вели нашиот истакнат судија во САД, Дејан Милошевски.

Тој вели дека семинарот бил повеќе од лиценцирање.

„Тој беше симбол на систем, дисциплина и визија. Во САД, карате не е само спорт – тоа е вредност, структура и континуирана инвестиција во луѓето. Едукацијата и менторството се темел на развојот, а судиите се клучен столб на фер, квалитетна и кредибилна конкуренција“, вели Милошевски.

„Ова е моја втора година како гордо служам како асистент регионален судија во УСА карате, одговорен за Регион 4 (12 сојузни држави). Да се биде дел од оваа организација значи посветеност на извонредност, интегритет и постојан напредок.

Иако моите корени се во Македонија, денес со особена чест придонесувам во развојот на карате во Соединетите Американски Држави – земја која знае да препознае, вреднува и поддржи квалитет, работа и знаење. Како прв Македонец на ова ниво во рамки на УСА карате, продолжувам да градам мост меѓу традицијата и современиот врв на светското карате.

Причината е долгогодишната „поддршка“ од Карате федерацијата на Македонија која не успеа да ме запре во изминатите 8 години – напротив, ме мотивираше уште повеќе да одам напред, да се развивам и да ги поместувам сопствените граници.

Наследството не се добива – тоа се создава. Преку работа, знаење и влијание се гради пат што останува и не може да биде избришан.

Искрено сум благодарен на УСА Карате за поддршката и довербата, како и на организаторите и сите учесници за соработката и заедничката мисија. Заедно, под едно знаме, продолжуваме да ги подигнуваме стандардите и да го водиме карате напред“, вели Дејан Милошевски..

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON