Борбата меѓу Мајк Тајсон и Флојд Мејведер е одложена поради необични правила

Љубителите на боксот со нетрпение го очекуваа враќањето на две легенди на рингот – Мајк Тајсон и Флојд Мејведер Јуниор. Но, нивниот егзибициски меч, кој беше закажан за 25 април во Конго и требаше да се одржи според посебни правила, беше одложен, меѓу другото, поради повредата на Тајсон.
Требаше да биде спектакл на двајца великани кои се далеку од својот врв, од едната страна 59-годишниот Ајрон Мајк, а од другата страна десетгодини помладиот Флојд.
Тајсон е боксер кој обележа ера во тешката категорија благодарение на својата свирепост и експлозивност, додека Мејведер доминираше во полесните дивизии, одржувајќи го статусот на непоразен борец благодарение на беспрекорната техника.
Најавата за оваа борба покрена многу повеќе прашања отколку одговори, со оглед на големата разлика во тежината и напредната возраст на борците, но без оглед на тоа, организацијата на настанот започна.
Борбата беше закажана да се одржи на 25 април во Демократска Република Конго, место со огромна симболика во историјата на боксот.
Имено, таму се одржа легендарната борба од 1974 година помеѓу Мухамед Али и Џорџ Форман, позната како „Татнеж во џунглата“, еден од најважните спортски настани на 20 век.
А борбата требаше да има неколку необични правила кои дополнително го привлекоа вниманието на јавноста. Првото и најважно правило беше дека нема да има ограничување на тежината.
„Договорена тежина, слободна борба“, објасни Тајсон, што значително би го фаворизирало поранешниот шампион во тешка категорија, со оглед на тоа што Мејведер доминираше во категориите од супер пердувеста до супер велтер категорија.
Борбата беше закажана за осум рунди, секоја во траење од две минути, што е вообичаен формат за модерни егзибициски борби. За да се намали ризикот од сериозни повреди, борците требаше да користат потешки ракавици од 14 или 16 унци.
Но, навивачите ќе мора да почекаат малку подолго за овој спектакл, а причината за одложувањето е повредата на раката на Мајк Тајсон, кој беше виден во гипс, а самиот потврди дека станува збор за „извртување здобиено на тренинг“.
Новинарот Ден Рафаел потврди дека мечот дефинитивно нема да се одржи на планираниот датум, иако Конго сè уште се разгледува како можна локација, сè уште ништо не е финализирано.



