Хабиб за изјавата на Дана Вајт: Се колнам во Алах дека тоа е апсолутна лага

Хабиб Нурмагомедов (37) остро реагираше на старите коментари дадени од претседателот на УФЦ, Дана Вајт, кои неодамна повторно се појавија, во врска со причините за неговото пензионирање од спортот.
Легендарниот непоразен шампион во лесна категорија ја заврши кариерата пред повеќе од пет години, по победата над Џастин Гејџи на УФЦ 254. Тој го наведе ветувањето што ѝ го дал на мајка си по смртта на неговиот татко Абдулманап, а тоа беше дека не сака да се бори без него, како причина за неговото пензионирање. Но, Вајт верува дека приказната е покомплицирана.
Теоријата на Вајт: Богатството влијаело на неговата одлука да се пензионира
Исечоци од интервјуто што Вајт го даде пред шест месеци неодамна кружат на социјалните мрежи, во кои шефот на УФЦ сугерира дека огромното богатство на Нурмагомедов кое го стекнал во муслиманските земји било еден од клучните фактори во неговата одлука да го напушти спортот.
„Го имавме нашиот муслимански светски шампион, но проблемот се појави кога почнаа да го носат на турнеи низ муслиманските земји. Отиде во Саудиска Арабија, Абу Даби, Катар и таму го обсипаа со пари“, рече Вајт. „Заработи толку многу пари што повеќе не мораше да се бори. Покрај тоа, неговиот татко почина, што исто така одигра голема улога во таа одлука“.
Хабиб: Тоа е апсолутна лага
Дегестанецот ги забележа контроверзните изјави и објави демант на својот Инстаграм профил.
„Понекогаш читам такви наслови и нормално не сакам да коментирам за секоја глупост на интернет, но кога Дана ќе каже нешто, веста брзо се шири“, започна Нурмагомедов.
„Ќе го кажам само ова: Се колнам во Алах дека тоа е апсолутна лага. Никој никогаш не ми ги дал тие милиони и не е вистина дека го напуштив спортот затоа што заработив многу пари“, рече тој. „Целиот свет веќе ја знае вистината, го кажав тоа многу пати и нема потреба да се повторувам“.
Поранешниот шампион во лесна категорија постојано ги отфрла сите понуди за враќање во октагонот откако ги закачи ракавиците во октомври 2020 година. Нурмагомедов минатиот јули откри дека продолжува да добива понуди, но неговиот одговор останува непроменет години по пензионирањето.



