Познати победниците на „Трофеј Штип“

Денес на стадионот во Кежовица се одржа вториот Меѓународен турнир во пеливанско борење „Трофеј Штип“, а победници се: 5 рака Суат Лимани, 4 рака Музафер Назим од Турција, 3 рака Арсим Беќири, 2 рака Дејан Митров и 1 рака Реџеп Хајдари.

Ова е втора победа на Хајдар за два дена, откако вчера го освои трофејот во Чанакли, Валандово, на „Пролетните веселби“, додека Дејан Митров втора година по ред го освојува првото место.
На турнирот настапија пеливани од Македонија, Турција, Молдавија, Србија, Бугарија и Косово.

„Задоволен сум од одѕивот за учество на вториот пеливански турнир во Штип и мило ми е што има борачи од сите соседни земји и од Турција, која важи за една од најдобрите во светот во пеливанско борење, а посебно ми е драго што најмногу учесници има од сите пеливански клубови во Македонија“, рече претседателот на организациониот одбор на турнирот, борачот Дејан Митров, македонски репрезентативец во слободен стил и најдобар македонски пеливански борач.



