Ангела Мојсовска го откажа настапот на Европското првенство поради незадоволство од работата на селекцијата

Една од најуспешните македонски каратистки, Ангела Мојсовска, која беше прогласена за најдобра каратистка за 2025 година, како и една од најдобрите спортисти на град Скопје, објави дека нема да настапи на претстојното Европско првенство иако за тоа обезбеди норма.
Мојсовска, долгогодишна репрезентативка на Македонија и носителка на бројни признанија и член на Карат клубот Макпетрол истакна дека одлуката ја донела по внимателно размислување и врз основа на своето искуство од настапите на меѓународната сцена. Таа нагласи дека и покрај тоа што на последното Државно првенство повторно освоила прво место, како во поединечна така и во екипна конкуренција, сепак решила да се повлече од настапот на Европското.

Како главна причина за ваквиот чекор, Мојсовска го посочува незадоволството од начинот на кој била водена репрезентацијата од страна на актуелниот селектор, особено за време на последното Светско првенство и претходните натпревари организирани од Светската карате федерација. Според неа, пристапот во водењето на тимот не бил на соодветно ниво, што во одредени ситуации имало директно влијание врз конечните резултати, па дури и можноста за освојување медал.

„За секој спортист е клучно да има доверба и професионален однос со оние кои го водат тимот. Во овој момент, тие услови за мене не се исполнети“, истакнува Мојсовска.
Таа додава дека ваквата состојба се одразила и врз резултатите на женскиот тим, при што, како што наведува, не биле постигнати очекуваните успеси.
И покрај одлуката да не настапи, Мојсовска потенцира дека останува посветена на спортот и на Македонија.
„Мојата љубов кон каратето и кон татковината останува непроменета. Се надевам дека во иднина ќе се создадат услови во кои повторно ќе можам да ја претставувам Македонија на начин каков што заслужува“, порачува таа.

Нејзината одлука веќе предизвикува реакции во спортската јавност, која со внимание ќе го следи понатамошниот развој на настаните во македонското карате.
„Јас, Ангела Мојсовска, најдобра каратистка за 2025 година, една од најдобрите спортисти на град Скопје за 2025 година, најуспешна жена во спортот за 2025 година и долгогодишна репрезентативка на Македонија, со чест и гордост ја претставував нашата земја на сите европски и светски натпревари, како во поединечна, така и во екипна конкуренција.
И покрај тоа што на последното Државно првенство повторно го освоив првото место во поединечна и екипна конкуренција, донесов лична одлука да не настапам на следното Европско првенство.
Оваа одлука произлегува од моето лично искуство за време на последното Светско првенство, но и сите претходни натпревари организирани од Светската карате федерација, од начинот на кој беше водена селекцијата и раководен тимот од страна на селекторот. Сметам дека пристапот на водењето, како во поединечниот, така и во екипниот дел, не беше на нивото кое го заслужува еден репрезентативен тим, што во одредени моменти, според моја процена, директно влијаеше врз конечниот резултат и можеше да не чини и медал. Поради тоа женскиот тим, голем број поединци меѓу кои и јас не забележавме многу повисоки резултатски постигнувања. За секој спортист е клучно да има доверба и професионален однос со оние кои треба да го водат тимот, а во овој момент тие услови за мене не се исполнети.
Свесна сум за одговорноста што ја носам како репрезентативка, но сметам дека додека не настанат промени во пристапот и условите за работа, не сум во позиција да продолжам со настапи за репрезентацијата. Мојата љубов кон каратето и кон Македонија останува непроменета, и се надевам дека во иднина ќе се создадат околности во кои повторно ќе можам да ги претставувам боите на мојата земја така како што заслужува“, стои во изјавата на Мојсовска.

Ќе потсетиме дека Мојсовска на почетокот на годината се огласи со интервју во кое истакна дека систематски е запоставена и дискриминирана од Карате федерацијата и од селекторот.
„Мислам на чувството дека сум систематски запоставена и дискриминирана од Карате федерацијата и од селекторот. Наместо поддршка, често наидував на сопки. Наместо еднаков третман, добивав селективен пристап. За жал, каратето и онака не е доволно ценето кај нас, а со ваков однос дополнително се обесхрабруваат и оние што искрено се борат за резултати и истите ги носат“, рече тогаш Мојсовска во интервјуто за повеќе медиуми.
Ангела е една од најуспешните каратистки. Минатата година настапи на Светското првенство со директен влез како седморангирана во светот. Таа на СП се пласира во осминафиналето, при што во групната фаза забележа две победи и пораз.
Откажувањето од настап на ЕП на помлаку од еден месец е сигнал дека некои работи не одат во посакуваната насока, ако се има во предвид и одлуката на ИО на КФМ каратистите сами да си го плаќаат настапот на Европскиот шампионат во Франкфурт, Германија, од 20 до 24 мај.



