Јасин Реџелари: Бронзените медали на Абдулaзиз Азизи и Лука Ананиев се голем успех за македонското борење

На неодмана завршеното Европско првенство за деца во Самоков, Бугарија, македонските борачи освоија две бронзи – Лука Ананиев и Абдулaзиз Азизи. Токму за овој успех раговаравме со тренерот на репрезентацијата Јасин Реџелари.

Какви беа очекувањата пред Европското првенство?
-Пред Европското првенство очекувањата беа нашите борачи да прикажат квалитетни борби и достојно да ја претстават Македонија. Верувавме во нивната работа, подготовка и потенцијал, а резултатите покажаа дека очекувањата биле оправдани.
Освоивме две бронзи. Што значи ова за македонското борење?
-Освојувањето на двата бронзени медали од страна на Абдулaзиз Азизи и Лука Ананиев се голем успех за македонското борење. Овие резултати покажуваат дека имаме квалитетни млади борачи и дека со правилна работа можеме да градиме успешни генерации и во иднина.

Како го оценувате настапот на борачите?
-Настапот го оценувам многу позитивно. Освен освоените медали, нашите борачи покажаа голема борбеност, дисциплина и висок квалитет. Резултатите се плод на работата на спортистите и тренерите, но и на поддршката од Федерацијата за боречки спортови на Македонија, предводена од Дејан Богданов. Особено е важно што во последните години се вложува во младите генерации преку подготовки, учество на меѓународни турнири и создавање подобри услови за развој.
Дали можеше повеќе?
-Секако дека можеше. Абдул Азиз Азизи минатата година беше петти на Европското првенство, а оваа година освои бронзен медал. Во полуфиналето загуби од борачот од Грција кој подоцна стана европски шампион, иако минатата година успеа убедливо да го победи истиот противник.
Одличен настап имаше и Лука Ананиев, кој исто така освои бронзен медал. Според нашето мислење, во одредени моменти беше оштетен од судиските одлуки и имаше реални шанси да се пласира и во финалето.

Како понатаму со младите борачи?
-Потребна е континуирана работа, квалитетни подготовки, подобри услови за тренинг и редовно учество на силни меѓународни турнири. Само со долгорочна поддршка и континуитет во работата овие млади борачи ќе можат да останат конкурентни и во сениорска конкуренција.
Кој е наредниот предизвик?
-Заедно со тренерската комисија донесовме одлука уште повеќе да се вложува во најквалитетните и најперспективните млади борачи. Планот е тие да настапуваат на повеќе силни меѓународни турнири и да тренираат во најдобрите светски центри за борење.
Во јули нè очекува Светското првенство за кадети во Баку, Азербејџан, а во септември Балканското првенство. Нашата цел е овие млади борачи да продолжат да напредуваат и во иднина успешно да ја претставуваат Македонија и во сениорска конкуренција.
Абдул Азиз Азизи се закити со бронзен медал на Европското првенство до 15
Бронзен медал за Лука Ананиев на Европското првенство до 15 години



