Репрезентативците на ТК Штип со сребрен сјај на Балканското првенство во Зрењанин

Таеквондистите на Штип во составот на македонската репрезентација на Балканското првенство во Зрењанин, Србија, освоија три сребрени медали и еден бронзен и покажаа дека припаѓаат на самиот врв на балканското таеквондо.
Медалите ги освоија: Душица Бреслиева, Никола Митев и Антонио Арсовски сребрени и Андреа Илиевска бронзен.

„Особено драматично беше финалето на Душица Бреслиева, која по извонредна борба беше на чекор до златото, но победата и избега во последните секунди од мечот. Сепак, нејзината борбеност, срце и шампионски карактер се доказ дека вистинските шампиони не се мерат само по медалот, туку по начинот на кој се борат до самиот крај“, велат од Штип и додаваат:
„Никола Митев и Антонио Арсовски исто така прикажаа врвни настапи, покажувајќи техника, дисциплина и непоколеблива желба за успех, достојно претставувајќи ги клубот, градот Штип и Македонија“.

Бронзениот медал на Андреа Илиевска е уште една потврда за квалитетот и континуираната работа во Таеквондо клуб Штип.
„Денес не славиме само медали. Славиме вложен труд со години, рани претворени во искуство, солзи претворени во мотивација и храброст која ги носи спортистите до најголемите сцени.
За нас, вие не сте само освојувачи на медали – вие сте шампиони!
Горди сме на секој ваш чекор, на секоја борба и на секој момент кога го носевте грбот на Македонија со чест и достоинство“, истакнуваат од ТК Штип.
Посебна благодарност управта на клубот изразува до тренерите Арсовски Зарко и Сашко Арсовски за упорноста и довербата што ја даваат несебично на нтпреварувачите.



