БК Олимпија: Зошто Андреа Нисева не настапува за Македонија? Одговорот е едноставен, но болен – ние сме принудени на таков чекор!

Боречкиот клуб Олимпија од Штип се огласи со соопштение во врска со стојбата на клубот, односно зошто е надвор од колосекот на македонското борење, особено по освојувањето на сребрениот медал на Андреа Нисева на Европското првенство до 17 години во Самоков, Бугарија, за жал, за репрезентацијата на Бугарија.
Соопштението ви го пренесуваме интегрално:
„Во последните неколку години, Боречкиот клуб „Олимпија“ – Штип е сведок и жртва на континуирана неправда и институционална блокада од страна на Боречката федерација на Македонија и Министерството за спорт. Наместо поддршка за континуираниот труд, резултати и развој на младите спортисти, клубот се соочува со административни пречки и не формулиран однос.
Раководната структура на Боречката федерација на Македонија со години наназад покажува неподготвеност или незаинтересираност да го реши проблемот со нашиот клуб, БК „Олимпија“ – Штип, и покрај тоа што клубот ги исполнува сите законски услови за полноправно членство и учество во активностите на федерацијата. Сите законски регулативи и барања што беа доставени од страна на федерацијата, од наша страна се навремено и целосно исполнети.
Министерството за спорт, како државен орган одговорен за спроведување на спортската политика, законската регулатива и финансирањето преку федерациите, има јасна надлежност и ингеренција и врз работата на спортските федерации. Во рамки на тие ингеренции, Министерството има обврска да обезбеди законитост, рамноправност и фер услови за функционирање на сите клубови во Македонија. Сепак, и покрај тоа што во неколку наврати бевме на официјални разговори со министерот за спорт, проблемот на БК „Олимпија“ останува нерешен. Имаме впечаток дека или нема волја, или нема храброст проблемот да се реши, со што Министерството индиректно го поддржува неправилното работење на федерацијата. Нашата единствена цел е да функционираме како и сите други спортски клубови во државата, во рамка на законите и спортските прописи.
Во Боречкиот клуб „Олимпија“ – Штип се работи професионално, транспарентно и законито. Клубот работи по строго зацртан план и програма, која се реализира преку организациско-менаџерски и тренерски стручен тим, кој многу добро ги познава своите професионални обврски и одговорности, како и проблематиката со која се соочува спортот. Со долгогодишно искуство во работа со борачи и спортски клубови, оваа екипа многу добро ја познава работата во оваа сфера и совесно ги реализира сите поставени цели и задачи.
Во моментов се во тек и неколку проекти кои се во фаза на реализација, а кои ќе придонесат за унапредување на работата на клубот – како во стручниот, така и во организацискиот дел. Истите за кратко време ќе бидат видливи и ќе претставуваат уште еден доказ дека „Олимпија“ има јасна визија да се издигне високо на скалилото на организирани и професионални спортски клубови во државата, регионот, Европа и светот. Тоа е потврда дека ние сме за спортот, а не против спортот.
Токму оваа посветеност, дисциплина и професионализам се причината што резултатите на клубот се континуирани и врвни. Во своето седумгодишно постоење, „Олимпија“ има освоено неколку европски медали и повеќе балкански медали од балканските шампионати, нашата членка Андреа Нисева – првата македонска борачка со три европски медали и четири балкански титули – веќе ја испишува 1 историјата на македонското женско борење, исто така важно е да се спомене дека дваесетина борачи на Олимпија за период од 7 години имаат освоено 15 медали од балканските првенства, некои отстапени на други клубови додека некои беа уценети и лажени на разни начини преку семејствата со работните места и други притисоци и отстранети од Олимпија при што за краток период со несоодветна стручна работа и внимание се уништени нивните кариери и денес се надвор од спортот борењето.

Често пати, спортската јавност и читателите на медиумите се прашуваат зошто Андреа Нисева настапува за соседна држава, а не за Македонија. Одговорот е едноставен, но болен – ние сме принудени на таков чекор, бидејќи во нашата држава нема ниту слух, ниту желба, која може да препознае дека Андреа е дијамант на македонското борење. Наместо да ѝ се даде заслужена поддршка, таа е оставена сама да се избори за своето место во светскиот спорт. А токму таа, Андреа Нисева, ја испишува историјата на македонското борење како првата борачка со три европски медали во континуитет што е доказ за стратешка работа на тимот во Олимпија и четирикратна балканска шампионка.
Се надеваме дека со овој текст надлежните институции, пред сè Министерството за спорт, конечно ќе преземат конкретни чекори за решавање на проблемот со Боречкиот клуб „Олимпија“ – Штип. Веруваме дека времето на игнорирање и неправда мора да заврши и дека спортот во Македонија ќе биде место на еднаквост, фер можности и поддршка за сите кои вистински работат и создаваат резултати“.



