АктуелноКик боксТурнири

Митровски: И покрај тешкотиите македонските кикбоксери блеснаа во Вараждин – 15 медали на ВАКО Европскиот куп и 4 на купот за почетници

Македонската кик бокс репрезентација оствари значаен успех на ВАКО Европски кикбокс куп Вараждин oпен 2026, кој се одржа од 1 до 3 мај во Вараждин, Хрватска. На овој престижен меѓународен европски куп настапија дури 1.790 натпреварувачи со 2.795 влезови од 299 клубови од 31 држава, што уште еднаш го потврдува неговото реноме како еден од најмасовните кик бокс настани во Европа.

Македонија беше претставена со 33 натпреварувачи кои настапија во 36 категории, под водство на 11 тренери и со поддршка на нашата најуспешна меѓународна судијка со А лиценца Елена Неделковска, сите дел од 11 клубови членки на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија. Во силна конкуренција, нашите кикбоксери освоија вкупно 15 медали – 2 златни, 5 сребрени и 8 бронзени, што претставува значаен резултат и потврда за континуираниот напредок на македонскиот кикбокс.

Златни медали освоија Силвио Мировски (Гладијатор, Скопје) во категоријата до 71 кг и Калин Бабоски (Адора, Скопје) до 63,5 кг. Со сребро се закитија Максим Митровски и Халдун Ахмед (Шампион, Скопје), Давид Атанасовски (Гладијатор, Скопје), Петар Лозановски (Енерџи Битола) и Христијан Ѓоргиевски (Предатор Куманово), додека бронзите се за Иван Кукуновски, Димитар Атанасовски, Мите Крстев, Леа Бошевска, Марио Пецевски, Андреа Георгиевска, Леонид Наумов и Глигор Николов.

Учеството на вакви натпревари е од особена важност за македонските спортисти, бидејќи овозможува стекнување меѓународно искуство, размена на знаење и подобрување на рејтингот преку освојување бодови во силна европска конкуренција.

Во рамки на овој настан се одржа и турнирот за почетници Вараждин опен 2026, каде настапија 390 натпреварувачи од 26 држави. Македонија учествуваше со пет натпреварувачи од четири клуба и освои вкупно четири медали – едно злато, едно сребро и две бронзи.

Златниот медал го освои Стефан Чаѓановиќ (Адора, Скопје), среброто му припадна на Ибрахим Амеди (Шампион Скопје), додека бронзени медали освоија Александар Илиев (К1 Арена, Струмица) и Михаил Велковски (Прокик фемили, Скопје).

Претседателот на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски Урко, изрази задоволство од постигнатите резултати, нагласувајќи дека тие се плод на посветената работа на спортистите и стручните тимови.

„Задоволен сум од настапот на нашата репрезентација и од освоените медали во силна европска конкуренција. Ресорното министерство веќе подолг период ги игнорира нашите резултати и нè маргинализира со недоделување средства за учество на национални и меѓународни натпревари, а истовремено изостанува и поддршката за подмирување на основните членарини кон меѓународните федерации. За жал, веќе добивме и опомени за можно исклучување од европските и светските федерации поради неподмирени годишни обврски како полноправни членки.

Сепак, нашата истрајност во овој тежок период за кикбоксот, како и континуитетот на резултатите и одржаната масовност, се доказ дека македонскиот кик бокс успева да се одржи на високо ниво. И покрај сите предизвици што го забавуваат развојот на нашиот спорт, продолжуваме со самофинансирање и со поддршка од блиски пријатели и соработници да се движиме во вистинска насока.

Но ние не застануваме тука – веќе сме фокусирани на следниот голем предизвик, ВАКО Балканското првенство 2026, кое ќе се одржи од 29 до 31 мај во Нови Сад, каде очекуваме уште подобри резултати.

Постигнатите успеси се препознаени и пофалени од меѓународната кик бокс заедница, вклучително и од раководството на светската и ВАКО Европа во чиј состав сум и јас, и тие се запознаени со предизвиците со кои се соочуваме. И покрај недостатокот на институционална поддршка, ние продолжуваме достојно да ја претставуваме државата, потврдувајќи дека кикбоксот е еден од најуспешните спортови во нашата земја“, изјави Митровски.

Овие резултати се дополнителен показател за квалитетот и потенцијалот на македонските кикбоксери, како и за посветената работа на клубовите и стручните тимови. Настапот во Вараждин претставува уште еден значаен чекор кон поголема афирмација на македонскиот кикбокс на европската и светската сцена.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON