Мухамед Али на денешен ден пред десет години замина во вечноста

Легендарниот боксер Мухамед Али, чие влијание се простира и надвор од спортските борилишта, почина на денешен ден пред една деценија на 74 година, во болница во Феникс, Аризона, по долга борба со Паркинсоновата болест.
Али беше истакнат и гласен критичар на режимот на апартхејдот во Јужна Африка. Тој ја користеше својата светска популарност за да се бори против расната сегрегација и дискриминација, а постојано се залагаше за слобода на црното население и за човековите права низ светот.
Како Гласник на мирот на Обединетите нации, во 2002 година го посети главниот град на Авганистан, Кабул, во рамки на тридневна мисија за подигнување на свеста за активностите на организацијата во земјата.
Али, тогаш познат како Касиус Марселус Клеј, го освои златниот медал на Олимписките игри во Рим во 1960 година. Но, по враќањето дома, наводно го фрлил медалот во реката Охајо откако бил одбиен да биде послужен во ресторан поради бојата на неговата кожа. Замена за златниот медал доби на Олимписките игри во Атланта во 1996 година.
Во 1964 го промени своето име во Мухамед Али и се посвети на религијата, приклучувајќи се на движењето „Нација на исламот“.
Во еден момент, кој е забележан во документарецот на „ХБО“ за Али, тој се присетува на неговите прашања од детството:
„Зошто Исус има сина коса, сини очи, сè е бело, ангелите се бели? Прашав: „Мамо, кога ќе умреме, ќе одиме ли во рајот?“ Таа ми одговори: „Секако дека ќе одиме во рајот.“ Потоа прашав: „Мамо, каде се сите црни ангели“?
Малиот Касиус се прашувал како е можно дури и Тарзан, кралот на џунглата во Африка, да бил исто така бел.
„И сè што било црно било лошо. Ужасното куче било црно, црна мачка носела лоша среќа, ако некој те карал, тогаш те поцрнувал. Ѝ реков на мајка ми: „Па, има лоши луѓе и меѓу белците. Тогаш зошто не зборуваат лошо еден за друг“?
Сомнежите и прашањата за бојата и правдата што го мачеа уште од најрана возраст ќе продолжат да го следат и да го обликуваат неговиот карактер. Со текот на годините, тие ќе се прелеат во неговата зрелост и борбен дух.
Така, во Луисвил 1960 година, младиот Али, тогаш сè уште Касиус Клеј изјави:
„Мојот прадедо беше роб и беше еден од најголемите луѓе во тоа време. Касиус Марселус Клеј е големо име во Кентаки“.
Повод за оваа телевизиска изјава беше неговата победа над Гари Џавиш на првенството „Златни ракавици“, по што се подготвуваше за квалификациите за Олимпијадата во Рим. Тренерот сведочи дека Касиус бил убеден во својот успех, но имал голем страв од летање – дури рекол дека нема да оди ако не патува со брод.
Али веруваше дека нема никогаш да изгуби, тој не само што имаше техника, имаше неверојатна верба во себе. Користеше зборови за да го исмее противникот или за да ја „предвиди“ рундата во која неговиот противник ќе биде нокаутиран.
Тој беше поразен само пет пати, а победи 56 пати од кои повеќе од половина со нокаут. За време на неговата кариера Али ги победи сите „тешкаши“ со кои се соочи. Главните негови противници беа Сони Листон, Џо Фрејзер, Кен Нортон, Лери Холмс, Џорџ Форман и Хенри Купер.
По пензионирањето, патувал низ целиот свет за да се бори за хуманитарни цели како сиромаштијата, гладот и расизмот.
Во 1984 година му била дијагностицирана Паркинсонова болест.
Засекогаш ќе останат запаметени некои од неговите најпознати изјави:
„Сакам луѓето да ги сакаат сите како што ме сакаат мене. Тоа би бил подобар свет“.
„Ја мразев секоја минута тренинг, но си реков: Не се откажувај. Страдај сега и живеј го остатокот од животот како шампион“.
„Човекот без фантазија нема крилја“.
„Знам каде одам, ја знам вистината и не морам да бидам она што вие сакате да бидам. Јас сум слободен да бидам она што сум“.
„Луѓето бегаат од предизвиците, бидејќи немаат верба во себе, а јас верувам во себе“.



